29.05.2002
![]() |
| Реџепи отфрли можност косовските институции да поддржуваат некоја вооружена група во Македонија |
Американскиот сенатор Џорџ Воиновиќ денеска побара од функционерите на косовските институции да ги обесхрабрат вооружените групи во Македонија и да работат на омекнување на тензиите создаени поради границата меѓу Косово и Македонија, јави приштинската агенција Косвалајф.
„Тоа е барање нашите институции да ги обесхрабрат некои вооружени групи во Македонија, чија намера е дестабилизација на регионот“, изјави косовскиот премиер Бајрам Реџепи по средбата со Воиновиќ.
Реџепи ја отфрли секоја можност косовските институции, или било која поголема партија да поддржуваат некоја вооружена група во Македонија, сметајќи ги за авантуристички и оценувајќи дека тоа го чинат поединци заради лични амбиции.
„Тие нема да имаат поддршка ниту од косовските институции, ниту од било која тукашна партија“, нагласи Реџепи.
Беше најавено и дека денеска во Скопје Воиновиќ ќе се сретне со премиерот Љубчо Георгиевски, меѓутоа кабинетот на премиерот соопшти дека средбата е откажана.
Во соопштението не се појаснува зошто Георгиевски ја откажа средбата со американскиот сенатор.